Balkan Tattoos

Пред Pinterest: Вистинската историја на тетовирањето кај нас

Balkan Tattoos
Balkan Tattoos

Тетовирањето на Балканот не е појава од поново време, ниту мода што на овие простори дошла преку социјалните мрежи. Иако денес инспирацијата често ја бараме на Pinterest, TikTok или Instagram, традицијата на тетовирање на Балканот има многу подлабоки корени. Во поширокиот балкански простор постојат и археолошки и историски траги што укажуваат дека украсувањето и означувањето на телото било познато уште многу, многу одамна. Постојат археолошки наоди од Балканот, како игли за тетовирање направени од коски и пигменти од бакар кои се стари околу 3000 години. Иако сега тетоважите најчесто се ставаат од естетски причини, да се означи љубов кон некого, или да забележиме одредена мисла или меморија, порано тетоважите можеле да означуваат благородно потекло, статус и припадност, а во многу култури тие имале и заштитна, магиска функција.

Balkan Tattoos
Balkan Tattoos

 

Во подоцнежните векови, особено на западниот и централниот Балкан, се развила препознатлива локална традиција на рачно тетовирање, позната како „сичање“ или „боцање“. Најдобро е документирана кај католичките заедници во Босна и Херцеговина и во некои делови од Далмација, но сродни облици на традиционално тетовирање се бележат и во други делови на Балканот. Овој начин на тетовирање се изведувал со рачно боцкање на кожата со игла по претходно исцртан мотив со јаглен на кожата. Етнографските извори опишуваат дека се користеле мешавини од саѓи или јаглен, а понекогаш и барут, измешани со вода, мед, масло, ракија или дури плунка. Интересен е фактот дека некогаш овие пигменти се мешале и со мајчино млеко кое се верувало дека има магиски моќи. 

Balkan Tattoos
Balkan Tattoos

Balkan Tattoos
Balkan Tattoos

Најчестите симболи кои се тетовирале во христијанскиот период (15-19век) на ова подрачје биле крстот и гранчести варијанти на крстот кој го нарекувале “јелица”. Но, пред, а и за време на овој период имало други орнаментални мотиви кои исто така се користеле како – сонце, , круг (кој означувал коло, или заедница), разни линии, точки и мотиви слични на ограда или решетка и нараквици околу рацете. Ова произлегува и од фактот дека многу повеќе се тетовирале жените, и тоа на возраст од 10-16 години. Тетоважите носеле симболики поврзани со плодност, заедница, убавина и среќа.

Тетоважите најчесто се ставале на највидливите делови од телото на рацете, дланките, прстите, подлактиците и челото. Токму затоа тие не биле само украс, туку и јавен знак: за вера, зрелост, припадност и издржливост.

Особено важна улога тетовирањето добива во периодот на османлиското владеење. Во дел од христијанските заедници тетоважите, најчесто крстови, служеле како видливо обележје на верска припадност и колективен идентитет. Истражувањата покажуваат дека под Османлиите оваа практика добила силна заштитна и симболична улога, особено кај жените.

Во Македонија конкретно, постојат сведоштва за традиционално тетовирање кај Власите. Кај нив најкарактеристичен бил тетовиран крст, поставен меѓу веѓите, а некогаш и на рацете. И овде тетоважата имала заштитна, идентитетска и ритуална улога.

Кога денес зборуваме за тетовирањето на Балканот, не зборуваме само за современ стил или визуелен тренд. Зборуваме за длабока културна пракса што низ вековите служела како украс, заштита, знак на припадност, обред, но и колективна порака испишана на кожата. Современата тетоважа можеби користи поинакви машинки за нанесување, поинакви бои и поинаков визуелен јазик, но нејзините корени на овие простори се многу постари отколку што обично мислиме.

 

Сподели го овој пост:

МОЖЕБИ ЌЕ ТЕ ИНТЕРЕСИРА